Александер Лукашенко изјави дека постапил законски кога во неделата го пренасочил авионот на „Рајанер“ додека бил во белорускиот воздушен простор, зашто сакал да заштити животи.
Западните земји ја обвинија Белорусија дека го киднапирала авионот кој летал од Атина за Литванија, во кој меѓу 126-те патници беа и дисидентскиот новинар Роман Протасевич и неговата девојка, кои беа уапсени веднаш по слетувањето во Минск. Авионот беше приземјен поради наводна закана дека во него има бомба и во денешното обраќање во парламентот, Лукашенко кажа дека властите ја добиле дојавата од Швајцарија.
„Апсолутна лага е дека белоруски борбен авион го принудил авионот да слета. Делував законски за да заштитам животи“, изјави Лукашенко, обвинувајќи го Протасевич дека планирал да почне крваво востание.
И 26-годишниот Протасевич и неговата девојка Софија Сапега, која е Русинка, дале изјави во кои ги признаваат криминалните дела за кои ги обвинува Белорусија, вклучувајќи поттикнување на масовни нереди, но нивните родители и западните земји веруваат дека тоа било изнудено.
Лукашенко ги обвини западните сили дека ѝ мислат лошо на Белорусија и дека сакаат да ја задават.
„Нападите на Белорусија ја преминаа црвената линија. Како што предвидовме, домашните и надворешните непријатели ги променија своите методи на напаѓање и ги преминаа границите на здравиот разум и човечката моралност“, рече тој.
И додека Европската Унија воведе нови санкции за Белорусија, тамошната опозиција најави дека планира нова серија на антивладини протести.