Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ вечерва по вторпат ќе се обиде на суд да ја преиначи одлуката на австралиските имиграциски власти да му ја поништат визата, непосредно пред почетокот на Австралијан опен, турнирот кој го има освоено рекордни 9 пати.
За жалбата на Ѓоковиќ ќе заседава австралискиот Федерален суд во 23.30 часот по средноевропско време. Ѓоковиќ поднесе нова жалба откако министерот за имиграција Алекс Хок вчера повторно му ја поништи визата. Ѓоковиќ не може да биде депортиран додека му се разгледува жалбата. Ако му биде одбиена жалбата, Ѓоковиќ се соочува со депортација и тригодишна забрана за влез во земјата.
34-годишниот тенисер ќе присуствува на сослушувањето вечерва, а дотогаш повторно ќе престојува во истиот имиграциски хотел, каде што беше сместен по неговото пристигнување во Австралија на 6 јануари, кога првпат му беше поништена визата.
Спорно за австралиските власти е дали Ѓоковиќ ја имал потребната документација да влезе во земјата, која има една од најстрогите политики за влез поради пандемијата на коронавирус.
Пред да отпатува за Австралија, Ѓоковиќ доби дозвола да настапи на првиот гренд слем во годината од организаторите на турнирот, кои одлучија дека има медицинско оправдување да не биде вакциниран, но тоа не беше доволно за имиграциските власти.
Австралијан опен почнува в понеделник, а Ѓоковиќ, кој е прв носител, во првото коло треба да игра со сонародникот Миомир Кецмановиќ.