Топлотниот бран продолжува да зафаќа големи делови на Европа, при што властите во многу држави издаваат здравствени предупредувања среде растечките температури. Јужна Шпанија е најпогодениот регион, со температури од над 40 Целзиусови степени во Севилја и околните области.
Нова рекордо висока температура за јуни од 46 степени е измерена во градот Ел Гранадо, при што Шпанската метеоролошка служба процени дека ова би можел да биде најтоплиот јуни досега.
Предупредувања за екстремно топло време се во сила во делови од Португалија, Шпанија, Италија и Хрватска, а со невообичано високи температури се борат и Франција, Австрија, Белгија, БиХ, Унгарија, Македонија, Србија, Словенија и Швајцарија. Во Србија е регистрирана највисоката температура откако почнале да се прават мерења во 19. век, а Словенија во саботата го забележа најтоплиот јунски ден досега.
Во некои делови на Европа ќе биде уште потопло до средината на неделата, при што температурите ќе продолжат да растат во Франција, Германија, Италија и Велика Британија.
Во Италија, 27 градови прогласија предупредување за опасни здравствени услови. Болоња отвори седум климатски засолништа со климауреди и вода за пиење, додека Рим им понуди бесплатен влез во базените на лицата над 70 години.
Во Барселона, чистачка на улици починала откако ѝ завршила смена кога температурите биле многу високи. Локалните власти ја истражуваат нејзината смрт.
Експертите ги поврзуваат зголемените фреквенција и интензитет на овие топлотни бранови со климатските промени, предупредувајќи дека ваквите екстремни временски настани стануваат сè почести во јужните делови на Европа.