ГОЛЕМИОТ РУСКИ КОНВОЈ КОЈ ОДИ КОН КИЕВ ВЕЌЕ ТРИ ДЕНА Е ЗАГЛАВЕН НА АВТОПАТ

    ГОЛЕМИОТ РУСКИ КОНВОЈ КОЈ ОДИ КОН КИЕВ ВЕЌЕ ТРИ ДЕНА Е ЗАГЛАВЕН НА АВТОПАТРусите за една недела имаат влезено во само еден поголем град (Фото: АП)

    Руската инвазија на Украина влезе во втората недела, при што нејзината главна напаѓачка сила останува заглавена на автопат северно од Киев. И покрај наводните планови за брзо уривање на украинската влада, руските сили досега имаат влезено во само еден поголем град, Херсон на југот на земјата.

    Воениот конвој, за кој беше кажано дека е долг 65 километри, напредувал многу малку откако пред три дена првпат беше забележан од сателитските снимки.

    „Главниот дел од големиот руски конвој што напредува кон Киев останува на повеќе од 30 километри од центарот на градот, откако бил забавен од жилавиот украински отпор, механички и логистички проблеми и метеж на патот. Колоната оствари мал забележлив напредок во изминатите три дена“, вели британското министерство за одбрана, повикувајќи се на разузнавачки податоци.

    Според ОН, досега загинале најмалку 227 цивили, додека украинските власти вчера кажаа има над 2.000 мртви. Во секој случај, веќе е надминат трагичниот биланс од 2014, кога загинале 136 цивили.

    „Руското напредување кон Киев не е баш организирано и затоа сега се заглавени“, изјави воениот аналитичар Павел Фелгенхауер.

    И покрај најавената втора рунда мировни преговори, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вели дека продолжуваат со воените операции.

    „Не можеме да ѝ дозволиме на Украина да ја зачува својата воена инфраструктура, со која ѝ се заканува на Русија“, кажа Лавров, обвинувајќи го западот дека константно ја вооружува Украина.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира