Француските власти пронајдоа парче накит што беше украден во денешниот грабеж во Лувр, најпосетениот музеј на светот, додека продолжува потрагата по ограбувачите и пленот.
Француската министерка за култура Рашида Дати кажа дека грабежот траел четири минути и дека бил извршен од професионалци. Едно парче накит потоа беше пронајдено надвор од музејот откако веројатно им испаднало на крадците при бегството. Француските медиуми објавија дека станува збор за круна од 19. век, што ѝ припаѓала на царицата Ежени, сопругата на Наполеон Трети. Круната е украсена со 1.354 дијаманти и 56 смарагди, според сајтот на Лувр.
„Видовме некои снимки. Тие не напаѓаат луѓе. Во рок од четири минути тие влегуваат смирено, кршат витрини, го земаат нивниот плен и си одат. Без насилство, многу професионално“, рече Дати.
Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез изјави дека тројца или четворица крадци влегле во музејот однадвор, користејќи кран поставен на камион.
„Тие скршиле прозорец, се упатиле кон неколку витрини и украле накит, кој има историска, непроценлива вредност“, рече Нуњез.
Тој рече дека е отворена истрага, а ја води специјализирана полициска единица, која има висока стапка на успех во откривањето на високопрофилни грабежи како овој.
Грабежот се случи во 9:30 часот, половина час по отворањето на музејот, кога внатре веќе имало посетители. Од музејот потоа кажаа дека денеска нема да работат.
Се верува дека крадците упаднале преку фасадата до брегот на реката, каде што е во тек реновирање, користеле товарен лифт за да стигнат до салата „Аполо“, зеле девет парчиња од колекцијата од 23 предмети поврзана со Наполеон и царицата Ежени и избегале со мотоцикли, објави „Ле Паризиен“.
Порано оваа година, службениците на Лувр побараа итна помош од француската влада за реновирање на застарените изложбени сали и подобра заштита на бројните уметнички дела. Дати рече дека прашањето за безбедноста на музеите не е ново.
„Четириесет години имаше мал фокус на обезбедувањето на овие големи музеи, а пред две години, претседателот на Лувр побара ревизија на безбедноста. Зошто? Затоа што музеите мора да се прилагодат на новите форми на криминал. Денес, тоа е организиран криминал, професионалци“, кажа Дати.