ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ИСТАНБУЛ И ФОРМАЛНО УАПСЕН И ОБВИНЕТ ЗА КОРУПЦИЈА, МАСОВНИТЕ ПРОТЕСТИ ПРОДОЛЖИЈА ЧЕТВРТА НОЌ

    ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ИСТАНБУЛ И ФОРМАЛНО УАПСЕН И ОБВИНЕТ ЗА КОРУПЦИЈА, МАСОВНИТЕ ПРОТЕСТИ ПРОДОЛЖИЈА ЧЕТВРТА НОЌИстанбулскиот градоначалник денеска требаше да биде избран за претседателски кандидат на најголемата опозициска партија ЦХп за изборите во 2028 година. (Фото: Џумхуријет)

    Протестите во Турција продолжија четврта ноќ по апсењето на градоначалникот на Истанбул и претставуваат едни од најголемите демонстрации во земјата во повеќе од една деценија.

    Екрем Имамоглу, ривал на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, беше приведен во средата, неколку дена пред да треба да биде избран за претседателски кандидат на опозицијата за 2028 година.

    Имамоглу во саботата се појави во суд во Истанбул, а обвинителите побараа негово формално апсење под обвиненија за тероризам и корупција. Тој ги негираше обвинувањата.

    Во говор, Ердоган ја повтори својата осуда за немирите и ја обвини опозициската Републиканска народна партија (ЦХП) на Имамоглу дека се обидува да го „наруши мирот и да го поларизира нашиот народ“.

    Пред канцеларијата на градоначалникот во Истанбул, пред протестите воопшто да започнат, полицијата почна да употребува солзавец..

    Како што толпата растеше во текот на вечерта, стана тешко да се дише, бидејќи без прекин се користеше солзавец за да се растераат демонстрантите.

    Скандирајќи „права, закон, правда“, луѓе од сите возрасти се спротивставија на владината забрана за собирања за да протестираат против она што го сметаат за незаконско притворање.

    Една млада жена, облечена во црно и со маска за лице, изјави за „Би-Би-Си“ дека не протестира од политички причини или затоа што ја поддржува опозицијата, туку да ја брани демократијата.

    „Јас сум тука за правда, јас сум тука за слобода. Ние сме слободни луѓе и турскиот народ не може да го прифати ова. Ова е спротивно на нашето однесување и култура“, рече таа.

    Друга жена, која го донела својот 11-годишен син на протестите, рече дека сака да го донесе затоа што е загрижена за неговата иднина.

    „Станува сѐ потешко да се живее во Турција од ден на ден, не можеме да ги контролираме нашите животи, не можеме да избираме кого сакаме и овде нема вистинска правда“, вели таа.

    Во Анкара и Измир, полицијата употреби водени топови против демонстрантите.

    Веќе четири ноќи, илјадници излегуваат на улиците низ Турција во главно мирни демонстрации.

    Властите се обидоа да ги задушат уличните демонстрации со четиридневна забрана за сите собирања во Истанбул, која што беше проширена во Анкара и Измир како што протестите се ширеа низ земјата.

    Од четвртокот, полицијата за разбивање немири постојано се судрува со демонстрантите и можеше да се види како испукува солзавец и водени топови кон толпите демонстранти.

    Турските власти соопштија дека 343 лица се уапсени во петокот вечерта, третиот ден од протестите, низ целата земја.

    Имамоглу се смета за еден од најголемите политички ривали на Ердоган. Тој е единствениот кој се кандидира во изборот на претседателски кандидат на ЦХП, кој што треба да се одржи во недела.

    Меѓутоа, во средата, тој беше еден од повеќе од 100 луѓе, вклучувајќи и други политичари, новинари и бизнисмени, притворени како дел од истрага.

    Еден ден пред неговото приведување, Истанбулскиот универзитет објави дека му ја одзема дипломата на Имамоглу поради наводни неправилности, мерка – која, доколку биде потврдена – би ја довела во прашање неговата способност да се кандидира за претседател.

    Според турскиот устав, претседателите мора да имаат завршено високо образование за да ја извршуваат функцијата.

    Ердоган е на функцијата во изминатите 22 години, како премиер и претседател на Турција. Меѓутоа, поради ограничувањата на мандатот, тој не може повторно да се кандидира за функцијата во 2028 година, освен ако не го смени уставот.

    Опозициските фигури велат дека апсењата се политички мотивирани. Но, министерството за правда ги критикуваше оние кои го поврзуваат Ердоган со апсењата и инсистираат на нивната судска независност.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира