Се засилува гневот на Грчката православна црква поради „демонската“ одлука да се озаконат истополовите бракови, при што свештениците бараат казнени мерки против пратениците кои гласаа за историскиот закон.
Свештениците повикаа „неморалните пратеници“ да бидат исфрлени од црквата, а црковните власти на Крф објавија дека на двајца локални пратеници ќе им биде забрането да учествуваат во какви било верски обреди. Обвинувајќи ги пратениците дека ја направиле најдлабоката духовна и морална грешка со тоа што го поддржаа законот на 15 февруари, епископијата на островот ги повика парламентарците да се покајат.
„Ако не се покајат, тие автоматски ќе бидат исклучени од христијанскиот обред на причестување и од другите црковни настани“, кажаа од епископијата.
Грција минатиот месец стана првата православна држава во светот која ги легализирала истополовите бракови, што беше поддржано од 175 пратеници од целиот политички спектар. Законот исто така ги признава родителските права на геј двојките, но не им дозволува да имаат деца преку сурогат мајчинство.
Моќната Грчка православна црква жестоко го нападна и осуди законот, при што нејзиниот поглавар Јеронимос, кој се смета за умерен во црковната хиерархија, го опиша како чисто зло. Други црковни водачи сметаат дека законот ќе води кон растурање на грчкото семејство и општество.
Епископот Амбросиос јавно повика премиерот Мицотакис и пратениците кои го поддржаа законот да бидат екскомуницирани.
„Нашата православна црква е под опсада. Треба да се направи револуција против сите оние кои го ослабнуваат божјиот закон. Протагонистите на ова морално злосторство, премиерот на Грција и 175-те пратеници во грчкиот парламент, треба да бидат екскомуницирани“, кажа Амбросиос.