ГРЕНЛАНД ГЛАСА НА ИЗБОРИ ВО СЕНКА НА ЗАКАНИТЕ ОД ТРАМП, САМО ЕДНА ПАРТИЈА СЕ ЗАЛАГА ЗА ИТНА НЕЗАВИСНОСТ

    ГРЕНЛАНД ГЛАСА НА ИЗБОРИ ВО СЕНКА НА ЗАКАНИТЕ ОД ТРАМП, САМО ЕДНА ПАРТИЈА СЕ ЗАЛАГА ЗА ИТНА НЕЗАВИСНОСТМинатата недела Трамп се закани дека ќе го земе Гренланд на овој или оној начин (Фото: АП)

    Премиерот Муте Егеде изјави дека гласачите се соочуваат со судбински избор на денешните парламентарни избори на Гренланд. Гласањето привлече глобален интерес поради постојаните закани на Доналд Трамп дека ќе ја преземе контролата врз најголемиот остров на светот, макар и со примена на воена сила.

    Изборите со голем интерес ги следи и Данска, која владееше со Гренланд до 1953 година, а денес ја контролира неговата економска и безбедносна политика. Гренланд, како и Фарски Острови, е дел од данското кралство, но Копенхаген стравува дека ако гласачите ѝ дадат силна поддршка на најголемата опозициска партија Налерак, Гренланд повеќе би можел да се сврти кон САД. Оваа партија се залага за независност и за поголема соработка со САД.

    „Трамп е непредвидлив и не го третира Гренланд со почит. Гласачите имаат судбински избор“, изјави Егеде вчера.

    Во својот говор во Конгресот минатата недела, Трамп порача дека ќе го земе Гренланд на овој или оној начин и го покани да им се придружи на САД, ветувајќи инвестиции од милијарди долари. Сепак, иако многумина жители на Гренланд поддржуваат посилна соработка со САД, идејата за преземање од Америка беше наголемо отфрлена.

    Од шесте партии кои учествуваат на изборите, само Налерак вети дека брзо ќе распише референдум за независност, иако пет партии го поддржуваат отцепувањето, но со различен степен на итност.

    „Политичарите не беа доволно јасни што значи независност. Сите сакаме независност, но различно ја дефинираме“, вели Масана Егеде, главниот уредник на дневниот весник „Сермитсијак“, додавајќи дека Данска и натаму носи одлуки за 32 области во името на Гренланд.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира