ГРЕНЛАНЃАНИТЕ НЕ САКААТ ДА БИДАТ АМЕРИКАНЦИ, ПЕТТЕ НАЈГОЛЕМИ ПАРТИИ НА ОСТРОВОТ РЕАГИРАА ПО ЗАКАНИТЕ НА ТРАМП ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ НА ОСТРОВОТ

    ГРЕНЛАНЃАНИТЕ НЕ САКААТ ДА БИДАТ АМЕРИКАНЦИ, ПЕТТЕ НАЈГОЛЕМИ ПАРТИИ НА ОСТРОВОТ РЕАГИРАА ПО ЗАКАНИТЕ НА ТРАМП ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ НА ОСТРОВОТАнкетите во 2025 година покажаа дека дури 85% од населението на Гренланд ја одбива идејата да бидат дел од САД. (Фото: Анадолу)

    Гренландските политички лидери велат дека „не сакаат да бидат Американци“ и дека самите мора да одлучуваат за иднината на арктичкиот остров, откако американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека САД „ќе направат нешто без разлика дали ним им се допаѓа тоа или не“.

    Во заедничката изјава објавена во петокот вечерта, лидерите на петте политички партии застапени во гренландскиот парламент, вклучително и премиерот Јенс-Фредерик Нилсен, јасно ставија до знаење дека иднината на Гренланд мора да ја решат Гренландците.

    „Не сакаме да бидеме Американци, не сакаме да бидеме Данци, сакаме да бидеме Гренланѓани. Ниту една друга земја не смее да се меша во ова. Мораме самите да одлучиме за нашата иднина, без притисоци за избрзани одлуки и без мешање од други држави,“ се вели во соопштението потпишано од Нилсен и неговиот претходник Муте Б. Егеде.

    Трамп, на состанок со раководители на нафтени компании во Белата куќа, претходно изјави дека Гренланд е клучен за американската национална безбедност за да се спречи Русија или Кина да го окупираат. Тој додаде дека САД ќе преземат нешто околу Гренланд, „било на убав начин или на потешкиот начин“.

    Белата куќа потврди дека администрацијата активно ги разгледува опциите за преземање на островот, наведувајќи дека воената сила е „секогаш опција“. Овие закани доаѓаат по неодамнешната американска воена интервенција во Венецуела, што дополнително ја зголеми загриженоста кај европските сојузници.

    Данската премиерка Мете Фредериксен ги оцени заканите на Трамп како „неприфатлив притисок“ и предупреди дека евентуален американски напад врз Гренланд би значел крај за НАТО и за безбедноста воспоставена по Втората светска војна. Таа вели дека САД немаат право да анектираат ниту една од трите земји во рамките на данското кралство.

    Анкетите во 2025 година покажаа дека дури 85% од населението на Гренланд ја одбива идејата да бидат дел од САД, додека само 7% од Американците поддржуваат воена инвазија на територијата. САД веќе имаат воена база на островот уште од Втората светска војна, каде што се стационирани над 100 војници, но Трамп изјави дека договорот за закуп не е доволен бидејќи „земјите мора да имаат сопственост“.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира