Авион на „Ејџијан ерлајнс“ вчера слета на Меѓународниот аеродром во Багдад, што беше прв директен патнички лет од Европа до ирачката престолнина по пауза од 35 години, објави грчкото министерство за транспорт.
Ирачката влада го опиша доаѓањето на грчкиот авион како „круцијален чекор“ кој означува почеток на нова фаза во обновувањето на ирачкиот воздухопловен сектор и негово враќање во европската воздухопловна мрежа.
Европските авиокомпании немаа летови кон Багдад од почетокот на 1990-тите поради безбедносни грижи по ирачката инвазија врз Кувајт. Тоа не се промени и откако Садам Хусеин беше соборен од власта во 2003.
Линијата Багдад-Атина-Багдад ќе оперира двапати неделно, со можност за дополнителни летови ако има побарувачка. Во почетокот на оваа година, „Ејџијан ерлајнс“ започна со летови до Ербил, главниот град на полуавтономниот регион Ирачки Курдистан.



