Грција ќе продолжи да прима американски туристи до крајот на летната туристичка сезона, нагласувајќи ја важноста на приходите од туризмот.
Европската Унија минатиот месец ги тргна САД од листата земји во кои што постои низок ризик од зараза со коронавирусот, со што се забрануваат сите несуштински патувања, но оваа одлука не е обврзувачка за членките на блокот и секоја од нив може да воведе свои правила. Жителите на ЕУ не смеат да патуваат во САД.
Грчката туристичка индустрија има големи придобивки од американските туристи, чија потрошувачка изнесува повеќе од 1.000 евра по патување, со што се на врвот на листата туристи кои најмногу трошат во Грција.
Цивилните воздушни власти неодамна ги известија грчките авиокомпании дека САД се исклучени од листата на трети земји на чии државјани им е забрането да патуваат во Грција, така што за нив нема никакви ограничувања, освен вообичаените ковид документи – целосна вакцинација или ПЦР тест за влез во земјата.
Хрватска е уште една членка на ЕУ која ни минатата година не го ограничи влезот за американските туристи во земјата, иако другите земји беа целосно затворени дури и за слетувања на американски авиони. Како резултат на таа политика оваа година две американски компании отворија директни летови од Њујорк за Дубровник. Хрватска, иако сепак бележи помал број странски туристи во однос на предпандемиската 2019 година, оваа сезона забележа поголем приход од туризмот. Се смета дека тоа се должи токму на тоа што туристите кои доаѓаат во земјата трошат повеќе.
На американските туристи минатата година им беше забрането да патуваат за традиционалните дестинации во Грција, Шпанија и Италија, па затоа единствен европски избор им беше Хрватска, која уште не е дел од Шенген зоната.