Десетици илјади приврзаници на Хуан Гуаидо излегоа на улиците на Венецуела ден по неговото неуспешно „мирно востание“, што од власта беше наречено обид за пуч.
На протестот во Каракас, што Гуаидо го најави дека ќе биде најголем во историјата на земјата, тој им порача на демонстрантите дека мора да се засили мирното востание против претседателот Николас Мадуро.
„Секој ден ќе има протести, сè додека не ја постигнеме нашата слобода. Тие мислеа дека можат да го задушат нашиот протест и тоа не им успеа вчера. Ќе останеме на улиците додека Венецуела не биде слободна“, кажа Гуаидо.
Тензиите во Венецуела одново се заострија вчера, откако Гуаидо објави видеопорака во којашто тврдеше дека добил поддршка од „храбри војници“ во Каракас. Тој притоа ја најави завршната фаза од соборувањето на режимот на Мадуро, кој, сепак, успеа да го задржи врвот на армијата на своја страна. Ова доведе до насилни судири вчера, во кои беа повредени над 100 луѓе, но Гуаидо не успеа да придобие луѓе од најтесниот круг на Мадуро.
„Сосема е јасно дека узурпаторот е поразен, не ја губете надежта. Пред нас се тешки денови“, додаде Гуаидо.
Мадуро исто така ги повика своите приврзаници да излезат на улица на нова рунда (контра)протести, што тој го опиша како одбележување на 1 Мај.