„Гугл“ му забрани некои надградби во оперативниот систем „Андроид“ на вториот најголем светски производител на смартфони „Хуавеи“, задавајќи ѝ голем удар на кинеската компанија. Тоа значи дека новите модели на смартфони на „Хуавеи“ нема да имаат пристап до некои апликации на „Гугл“.
Ова уследи откако администрацијата на Трамп ја додаде „Хуавеи“ на листата компании со кои американските компании не смеат да тргуваат, освен доколку немаат посебна дозвола.
„Хуавеи“ објави дека ќе продолжи да обезбедува надградби и други услуги на сите постоечки смартфони и таблети на „Хуавеи“ и „Хонор“, што ги опфаќа оние кои веќе се продадени или се во складиштата низ светот.
„Ние ќе продолжиме да градиме безбеден и одржлив софтверски екосистем, со цел да им го обезбедиме најдоброто искуство на нашите корисници“, соопшти компанијата.
Кога „Гугл“ следната година ќе лансира нова верзија на „Андроид“, таа можеби нема да биде достапна за моделите на „Хуавеи“, со што тие веќе нема да имаат пристап до апликации како Јутјуб и Мапс.
Неколку земји изразија загриженост дека Кина би можела да ја искористи мрежата на „Хуавеи“ за шпионирање.