Судот во САД пресуди дека „Гугл“ делувал незаконски за да ја скрши својата конкуренција и да го задржи монополот во интернет пребарувањето и рекламирањето. Оваа одлука е голем удар за „Алфабет“, матичната компанија на „Гугл“ и може да го промени начинот на кој технолошките гиганти работат.
„Гугл“ беше тужен од американското Министерство за правда во 2020 поради неговата контрола врз 90% од пазарот на онлајн пребарување. Тоа е една од неколкуте тужби што се покренати против големите технолошки компании додека американските антимонополски власти се обидуваат да ја зајакнат конкуренцијата во индустријата.
Нејасно е какви казни ќе добијат „Алфабет“ и „Гугл“ како резултат на оваа пресуда, што ќе биде одредено на идните сослушувања. Владата предложи „структурно олеснување“, што во теорија би можело да значи распад на компанијата.
Окружниот судија Амит Мехта кажа дека „Гугл“ платил милијарди долари за да се осигура дека е стандардниот пребарувач на телефоните и прелистувачите.
„‘Гугл‘ е монополист и делувал со цел да го задржи монополот“, напишал Мехта во пресудата на 277 страници.
„Алфабет“ соопшти дека планира да се жали на пресудата, која јавниот обвинител на САД Мерик Гарланд ја опиша како историска победа за американскиот народ.
„Ниедна компанија, без разлика колку е голема и влијателна, не е над законот“, изјави Гарланд.
Федералните регулатори имаат поднесено слични тужби и против „Мета“, „Амазон“ и „Епл“.