Гувернерот на Флорида Рон Десантис официјално ги поднесе документите за републиканската номинација за претседателските избори во САД следната година и потоа ја соопшти неговата кандидатура во разговор со Илон Маск на Твитер.
Десантис, кого го сметаат за најсериозен противкандидат на поранешниот претседател Доналд Трамп, стана познат на национално ниво за време на пандемијата на ковид-19 кога се спротивстави на протоколите за заштита, а потоа воспостави агресивна конзервативна агенда по прашањата за раса, род и образование во неговата држава, откако беше реизбран минатата година.
Тој ја објави кандидатурата ноќеска преку Твитер Спејсес, место на „Фокс Њуз“, како што е вообичаено за републиканските кандидати.
Но, настанот на Твитер почна со 20-минутно доцнење поради проблеми со оптоварени сервери, а од истата причина имаше проблеми и откако почна неговиот разговор со сопственикот на Твитер, Илон Маск.
Десантис планира да ги користи неговите потези во Флорида, како пример за конзервативна политика ширум земјата. Тој влезе во војна со филмското студио „Дизни“, ја забрани критичната расна теорија, ограничи дискусии за сексуална ориентација и родова определба во училниците, отпушти обвинител кој според него бил „платен од Сорос“ и жестоко ја критикува Кина.