Хајко Мас од редовите на Социјалдемократите (СПД) ќе биде новиот министер за надворешни работи на Германија, објави агенцијата ДПА.
Мас досега ја извршуваше функцијата министер за правда, а ќе го замени својот сопартиец Зигмар Габриел.
Габриел претходно изјави дека нема да биде дел од новата влада, откако лидерите на партијата Андреа Налес и Олаф Шолц го известиле за нивната одлука.
Се очекува СПД до утре да ги открие имињата на останатите свои министри во четвртата влада на Ангела Меркел, која пет месеци не можеше да се состави поради долгите и неизвесни преговори за формирање коалиција.