ХАКЕРИ ПРОДАВАЛЕ ПРИВАТНИ ПОРАКИ НА НАД 80.000 КОРИСНИЦИ НА ФЕЈСБУК

    ХАКЕРИ ПРОДАВАЛЕ ПРИВАТНИ ПОРАКИ НА НАД 80.000 КОРИСНИЦИ НА ФЕЈСБУКПовеќето од профилите чии податоци биле загрозени се лоцирани во Русија и Украина

    Хакери наводно загрозиле и објавиле приватни пораки од повеќе од 81.000 корисници на Фејсбук. Рускиот сервис на Би-Би-Си објави дека тие поседувале податоци од 120 милиони профили, кои се обиделе да ги продадат, додека Фејсбук тврди дека неговата безбедност не е загрозена, додавајќи дека презел и дополнителни мерки за да се заштити.

    Повеќето од профилите чии податоци биле загрозени се лоцирани во Русија и Украина, но ги имало и во Велика Британија, САД, Бразил и други земји.

    Хакерите се обиделе да го продадат пристапот за десет центи по профил, но нивната понуда во меѓувреме била тргната.

    „Презедовме мерки за да се обезбедиме дека тие вирусни додатоци веќе не се достапни за даунлодирање. Исто така, соработуваме со локалните власти за да се отстранат сајтовите кои ги објавуваат информациите на корисниците на Фејсбук“, кажа извршниот шеф на компанијата Гај Розен.

    Пробивот за првпат бил забележан во септември.

    „Продаваме лични информации на корисници на Фејсбук. Нашата база содржи 120 милиони профили“, напиша еден хакер во својата понуда.

    Компанијата за сајбер безбедбост „Диџитал шедоус“ го истражи ова и заклучи дека повеќе од 81.000 јавно објавени профили содржеле приватни пораки.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира