Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека е поставен датумот за почетокот на планираната офанзива во Рафа, јужниот град во Газа кој е последно прибежиште за многубројните раселени Палестинци. Ова следува откако Хамас го одби израелскиот предлог за примирје изложен на преговорите во Каиро, во кои учествувале и египетски и катарски посредници и директорот на ЦИА, Вилијам Брнз.
Најавена уште пред неколку недели, Нетанјаху вели дека офанзивата во Рафа е неопходна „за да се елиминираат тамошните терористички баталјони“. Светските лидери го повикуваат Израел да се откаже од оваа офанзива, велејќи дека би можела да има опасни последици.
„Денеска добив детален извештај за разговорите во Каиро. Нашата цел е ослободување на сите заложници и целосна победа над Хамас. За да се оствари победата, мора да се влезе во Рафа. Тоа ќе се случи, имаме датум“, изјави Нетанјаху.
Висок функционер на Хамас кажа дека преговорите за примирје пропаднале зашто со израелските предлози не се исполнувале барањата на групата. Во разговорите учествувал и шефот на ЦИА, што се сфаќа како нов обид за притисок врз Израел, имајќи предвид дека САД не се согласуваат со офанзивата во Рафа.