Американската влада му се закани на Универзитетот Харвард со забрана на прием на странски студенти откако оттаму кажаа дека нема да потклекнат пред барањата на Доналд Трамп и беа замрзнати федерални средства за институцијата од 2,2 милијарди долари.
Белата куќа испрати листа на барања до Харвард минатата недела, чија цел е борба против антисемитизмот во кампусот. Тие вклучуваат промени во управувањето, праксите на вработување и во процедурите на запишување. Харвард ги одби барањата и ја обвини Белата куќа дека се обидува да го стави под своја контрола.
„Харвард е шега и веќе не може да се смета за пристојно место за учење и не би требало да биде на ниедна листа на најдобри универзитети и колеџи во светот. Таму учат на омраза и глупост и веќе не треба да прима федерални средства“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.
Одделот за домашна безбедност исто така откажа грантови за истражувања за Харвард вредни 2,7 милиони долари, додека секретарката Кристи Ноем побара евиденција за „незаконски и насилни“ активности на странските студенти.
„Универзитетот ќе ја изгуби привилегијата да запишува странски студенти ако не ни ја достави оваа евиденција“, рече Ноем.
Од Харвард кажаа дека се запознати со новото барање на Ноем, кое било испратено писмено. Оваа година, 27% од запишаните студенти на Харвард биле од странство.
„Харвард нема да ја предаде својата независност или да се откаже од своите уставни права“, изјави Алан Гарбер, претседателот на најстариот универзитет во САД.
Трамп, исто така, се закани дека ќе го укине даночното ослободување за Харвард, што може да го чини милиони долари секоја година.