Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг побара да се издаде налог за апсење за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и за лидерите на палестинската милитантна група Хамас во Газа за воени злосторства. Главниот обвинител на МКС, Карим Кан, изјави дека постојат разумни основи да се верува дека тие сносат кривична одговорност за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени најмалку од 7 октомври 2023.
Според Кан, обвинувањата против лидерот на Хамас, Јахја Синвар, заповедникот на Бригадите Ал Касем, Мохамед Дијаб Ибрахим ал-Масри и политичкиот водач на Хамас, Исмаил Ханијех, вклучуваат истребување, убиство, земање заложници, силување и сексуален напад во притвор.
Покрај Нетанјаху, се бара апсење и на израелскиот министер за одбрана Јоав Галант. Тие се обвинети за истребување, користење глад како метод на војна, одбивање хуманитарна помош и за намерно напаѓање цивили во воен конфликт.