Антиисламскиот популист Герт Вилдерс изјави дека членови на неговата партија денеска за првпат положија заклетва како министри, додека Холандија доби нова десничарска влада, осум месеци откако Партијата на слободата победи на изборите. Вилдерс самиот нема да биде дел од владата, но неговото влијание ќе продолжи да се чувствува како предводник на партијата во парламентот.
Тој успеа да постигне коалициски договор со уште три партии во мај откако се откажа од амбициите да биде премиер. Место него, владата ќе ја води независниот кандидат Дирк Схоф (67), поранешен шеф на Холандската разузнавачка агенција и висок функционер во министерството за правда.
Вилдерс, кој живее под засилено обезбедување во изминатите 20 години поради смртни закани, кажа дека нема да го промени својот тон, па минатата недела објави на Инстаграм дека исламот е „одвратна, насилна и омразена религија“.
Тој избра радикални претставници од неговата партија да бидат министри, а новата влада ќе мора да се придржува до договорот што го постигнаа четирите партии, што вклучува ограничување на имиграцијата и исклучоци од европските правила за азил и животна средина. Схоф и неговиот тим ќе ги објават своите прецизни планови во септември.