Десетици илјади холивудски актери најавија дека ќе стапат во штрајк откако пропаднаа последните преговори помеѓу нивниот синдикат и стриминг гигантите пред истекот на крајниот рок.
Здружението на актерите (САГ-АФТРА) прифати уште едно продолжување на разговорите со големите филмски студија, но синдикатот не успеа да постигне договор околу исплатата на тантиемите и употребата на вештачката интелигенција. Се очекува актерите денеска да објават дека им се придружуваат на сценаристите во штрајкот.
Холивудските сценаристи штрајкуваат веќе неколку месеци пред студијата на големите стримиг компании како „Дизни“, „Нетфликс“ и „Парамаунт“ поради платите и условите за работа.
Преговарачкиот комитет на САГ-АФТРА, кој застапува повеќе од 160.000 актери и изведувачи, донесол едногласна одлука да се препорача стапување во штрајк. Актерите бараат поправедна распределба на профитот од стримингот и гаранција дека вештачката интелигенција нема да се користи за замена на актерите.
Последниот двоен штрајк на актерите и сценаристите во Холивуд се случи во 1960 година и ќе значи прекин на речиси сите почнати филмски и телевизиски продукции. Штрајкот би можел да се прошири и во Велика Британија и другите земји каде што моментално има снимања.