ХРВАТСКИ НОВИНАР ПОДНЕСЕ ТУЖБА ПРОТИВ ВУЧИЌ ЗА НАВОДНА ВМЕШАНОСТ ВО „СНАЈПЕРСКИОТ ТУРИЗАМ“ ЗА ВРЕМЕ НА ВОЈНАТА ВО САРАЕВО

    ХРВАТСКИ НОВИНАР ПОДНЕСЕ ТУЖБА ПРОТИВ ВУЧИЌ ЗА НАВОДНА ВМЕШАНОСТ ВО „СНАЈПЕРСКИОТ ТУРИЗАМ“ ЗА ВРЕМЕ НА ВОЈНАТА ВО САРАЕВОПовеќе од 10.000 луѓе беа убиени во Сараево од гранати и снајперски оган меѓу 1992 и 1996 (Фото: АП)

    Хрватски истражувачки новинар поднесе жалба до обвинителите во Милано против српскиот претседател Александар Вучиќ за негова наводна вмешаност во „снајперскиот туризам“ во Сараево за време на војната во БиХ во 1990-тите. Ова следува откако обвинителите во Милано отворија истрага за Италијанци кои наводно им плаќале на припадници на војската на босанските Срби за да можат да убиваат граѓани за време на четиригодишната опсада на Сараево.

    Повеќе од 10.000 луѓе беа убиени во Сараево од гранати и снајперски оган меѓу 1992 и 1996 година. Се тврди дека Италијанци и други странци учествувале во масакрот како „снајперски туристи“ откако плаќале големи суми пари за да бидат превезени до ридовите околу Сараево и да пукаат во населението од задоволство.

    Новинарот Домагој Маргетиќ сега поднесе тужба против Вучиќ и обвинителите велат дека го истражуваат ова. Во последните денови, Маргетиќ објави докази на социјалните мрежи дека Вучиќ, тогаш млад волонтер, бил присутен на воените позиции во Сараево од каде што, според сведоците, странски државјани и српски единици пукале и убивале цивили во она што е опишано како туристичко или човечко  сафари.

    „Го информирав јавното обвинителство за сите мои сознанија за поврзаноста на Александар Вучиќ со ‘човечкото сафари‘ во Сараево. Ги приложив сите докази, аудио, фото и видеоматеријали, како и медиумска документација од тоа време. Вучиќ бил член на паравоен одред под контрола на Српската радикална партија за време на војната во 1992 и 1993. Единицата била стационирана на воена позиција на Еврејските гробишта во Сараево“, вели Маргетиќ.

    Италијанската истрага произлезе од тужба поднесена од писателот Ецио Гавацени, кој собрал докази за обвинувањата и од извештај испратен од поранешната градоначалничка на Сараево, Бењамина Кариќ. Гавацени кажа дека првпат слушнал за наводните снајперски туристи од италијанскиот печат во 1990-тите, но почнал да истражува понатаму откако го гледал „Сараево сафари“, документарец на словенечкиот режисер Миран Зупанич од 2022.

    „Доказите собрани од Гавацени по долга истрага се добро поткрепени и би можеле да доведат до сериозна истрага за идентификување на виновниците. Исто така, постои и извештај од поранешната градоначалничка на Сараево“, рече Никола Бригида, адвокат кој му помогнал на Гавацени да го подготви својот случај.

    Италијанските власти досега не беа во можност да идентификуваат нивни граѓани кои наводно учествувале во пукањето врз цивилите. Балканските експерти за „Телеграф“ изјавија дека обвинувањата би можеле да бидат вистинити, но треба да се третираат со претпазливост.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира