Хуманитарната флотила „Сумуд“ не успеа во обидот да стигне до брегот на Газа, откако 39 бродови биле пресретнати и запрени од израелската морнарица во операција која почна синоќа. Од флотилата кажаа дека еден брод успеал да влезе во територијалните води на Газа, но запрел пред брегот, по што бил изгубен контактот со него.
„Ниеден од бродовите не успеа да ја пробие блокадата. Провокацијата на Сумуд-Хамас е завршена“, соопшти израелското министерство за надворешни работи.
Флотилата се состоеше од повеќе од 40 цивилни бродови со над 500 патници од разни националности, меѓу кои имаше парламентарци, адвокати, новинари и активисти. Таа се обидуваше да ја пробие 16-годишната поморска блокада на Газа и да достави симболична количина храна и лекови.
Израелското министерство за надворешни работи соопшти дека сите учесници се приведени и ќе бидат депортирани во Европа. Меѓу нив се и познатата шведска активистка Грета Тунберг, внукот на Нелсон Мандела и еден српски студент.
„Сите патници се здрави и добри. Безбедно се спроведуваат во Израел и оттаму ќе бидат депортирани во Европа“, рекоа од министерството.
Флотилата тргна во август и привлекуваше меѓународно внимание додека пловеше преку Средоземно Море, при што Турција, Шпанија и Италија испратија воени бродови за да ја заштитат од напади со дронови. Израелската морнарица вчера ја предупреди флотилата дека се приближува кон активна борбена зона и ја крши законската блокада и побара од бродовите да го променат курсот. Таа понуди мирно да ја префрли помошта до Газа преку безбедни канали. Организаторите на флотилата го осудија израелскиот упад како воено злосторство и рекоа дека војската користела агресивни тактики, како водени топови, но никој не бил повреден.