ХУТИТЕ ТВРДАТ ДЕКА НАПАДНАЛЕ НАФТЕНА ИНСТАЛАЦИЈА ВО РИЈАД, САУДИСКАТА КОАЛИЦИЈА НЕГИРА И ИЗВЕДЕ МАСОВНИ ВОЕНИ ОПЕРАЦИИ ВО ЈЕМЕН

    ХУТИТЕ ТВРДАТ ДЕКА НАПАДНАЛЕ НАФТЕНА ИНСТАЛАЦИЈА ВО РИЈАД, САУДИСКАТА КОАЛИЦИЈА НЕГИРА И ИЗВЕДЕ МАСОВНИ ВОЕНИ ОПЕРАЦИИ ВО ЈЕМЕНвоениот портпарол на хутите Јахја Сари објави дека извеле воена операција со балистички ракети и беспилотни летала чија цел бил Арамко во Ријад.

    Јеменските бунтовници Хути соопштија дека извршиле напад врз објект на нафтената компанија Арамко во саудискиот главен град Ријад, во период кога ескалираат судирите меѓу оваа група блиска до Иран и меѓународно признатата јеменска влада поддржана од Саудиска Арабија.

    Во соопштение објавено во саботата на социјалната мрежа Икс, воениот портпарол на хутите Јахја Сари објави дека извеле воена операција со балистички ракети и беспилотни летала чија цел бил Арамко во Ријад. Сари тврди дека нападите биле прецизни и директни и предизвикале пожари на локацијата. Во саботата во близина на постројка на Арамко во Ријад беше забележан голем столб од чад и оган.

    Подоцна во саботата, портпаролот на коалицијата предводена од Саудиска Арабија која ја поддржува јеменската влада, Турки ал-Малики, преку саудиските медиуми изјави дека тврдењата на хутите за напад врз Ријад се невистинити и имаат цел да ја доведат јавноста во заблуда.

    Рано во неделата, саудиската коалиција соопшти дека нејзините вооружени сили извеле 97 прецизни таргетирани операции против засилувањата на хутите на фронтот Тор ал-Баха и оската Таиз, при што биле употребени борбени авиони, дронови, артилерија, ракети и снајперисти. Портпаролот на јеменските владини сили, полковник Маџед Абдула ал-Назили, изјави дека нападите биле насочени против најмалку 260 борци на хутите, а биле уништени или онеспособени 44 воени возила.

    Кон крајот на минатиот месец, хутите тврдеа дека нападнале капацитети на Арамко во Јанбу, пристаниште на Црвеното Море на западниот брег на Саудиска Арабија. Саудиските власти тогаш соопштија дека пресретнале шест балистички ракети истрелани кон Таиф и Јанбу и објавија дека нема оштетувања на локациите на Арамко. Коалицијата предводена од Саудиска Арабија исто така соопшти дека претходно оваа недела, во вторникот, хутите извршиле напад врз електрична централа во светиот град Медина.

    Во средината на септември, хутите го зазедоа пристанишниот град Мока и стратешките острови во теснецот Баб ал-Мандеб, кој претставува клучна рута за светскиот поморски транспорт на нафта, по што противничките сили успеаја да ги стабилизираат борбените линии.

    Стотици илјади луѓе се раселени од повторното разгорување на конфликтот. Војната во Јемен трае од 2014 година, кога хутите го зазедоа главниот град Сана и ја принудија јеменската влада да се повлече во Аден.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира