И ПОКРАЈ ВОЈНАТА, ИРАН ПРОДОЛЖИЛ НЕПРЕЧЕНО ДА ИЗВЕЗУВА НАФТА НИЗ ОРМУСКИОТ ПРОТОК

    И ПОКРАЈ ВОЈНАТА, ИРАН ПРОДОЛЖИЛ НЕПРЕЧЕНО ДА ИЗВЕЗУВА НАФТА НИЗ ОРМУСКИОТ ПРОТОКИранската одмазда за американско-израелските напади вклучува и напади врз бродови во Ормускиот Проток (Фото: АП)

    Иранската сурова нафта продолжила непречено да минува низ Ормускиот Проток, и покрај иранските напади врз бродови, што го запреа извозот на нафта од останатите заливски земји. Анализите на сајтот за следење танкери TankerTrackers.com покажаа дека Иран извезол околу 13,7 милиони барели сурова нафта откако почнаа американско-израелските напади врз земјата на 28 февруари.

    Според платформата за следење бродови „Кплер“, извозот во првите 11 дена бил уште поголем, околу 16,5 милиони барели.

    Иранската одмазда за американско-израелските напади вклучува и напади врз бродови во Ормускиот Проток и врз енергетската инфраструктура на Блиски Исток, што доведе до речиси целосен прекин на транзитот на неиранските бродови. Ормускиот Проток е клучната маршрута за извоз на нафта и гас од Блиски Исток.

    Способноста на Иран да извезува нафта е во спротивност со она што се случи во Венецуела, каде што американската војска направи поморска блокада на земјата и запленуваше танкери.

    „Со оглед на успешните заплени на бродови поврзани со Венецуела минатиот декември, изненаден сум што САД не се решија за слична кампања пред да го започнат овој конфликт или не го прават тоа во овој момент“, рече Дејвид Таненбаум, директор во консултантската фирма „Блекстоун“.

    Во изминатите два дена Иран погодил шест товарни брода и танкери во Заливот. Засега нема знаци дека бродовите можат безбедно да пловат низ Ормускиот Проток, низ кој вообичаено минува една петина од светската нафта. Портпарол на иранската војска вчера изјави дека преминот е „несомнено под контрола на Иран“.

    Според „TankerTrackers“ и „Кплер“, од 28 февруари Иран извезувал меѓу 1,1 и 1,5 милиони барели нафта дневно. Просечниот дневен извоз лани изнесувал 1,69 милиони барели. Извозот би можел да се зголеми во следните денови зашто најголемите ирански танкери и натаму се закотвени во извозниот центар на островот Харг, според сателитските снимки.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира