Три дена откако украинските сили ја преминаа границата и упаднаа во рускиот регион Курск, Володимир Зеленски изјави дека Русија мора да ги почувствува последиците на својата инвазија врз Украина.
„Русија ја донесе војната во нашата земја и мора да почувствува што направила“, кажа Зеленски во вечерното обраќање без да ја спомне неочекуваната украинска офанзива.
Русија тврди дека најмалку илјада украински војници, поддржани од тенкови и оклопни борбени возила, влегле на нејзина територија во вторникот наутро, што е најголемиот ваков напад од почетокот на војната во Украина. Украинските функционери досега не се огласуваа многу за упадот. Точната ситуација на теренот тешко може да се утврди зашто двете страни имаат објавено малку детали.
Руското министерство за одбрана два дена кажува дека украинското напредување е запрено, но и дека во Курск се испратени резервни руски единици, додека тешките борби продолжуваат. Институтот за проучување војна вели дека геолокациските снимки од изминатите денови покажуваат дека украинските оклопни возила напредувале десетина километри во Курск.
Украинската акција ги изненади и западните сојузници. Американски и украински функционери велат дека ова има за цел да ги попречи и деморализира руските сили и делумно да ги пренасочи од другите делови на фронтот. Американските власти не веруваат дека Украина има намера да ја држи руската територија долго време. Нејасно е дали Украинците имаат заземено населени места и дали предизвикале штета на стратешки цели.
Руски канали на Телеграм објавија дека и ноќеска имало силни експлозии во Курск, кој се граничи со украинскиот регион Суми.