Швајцарската полиција го објави идентитетот на првите жртви на катастрофалниот пожар што се случи на новогодишната прослава во бар во зимскиот центар Кран-Монтана, во кој загинаа најмалку 40 луѓе, а 119 се повредени. Телата на две Швајцарки на возраст од 21 и 16 години и на двајца Швајцарци од 18 и 16 години им се предадени на нивните семејства, кажа полицијата.
Досега е потврден идентитетот на 113 од повредените и меѓу нив се 71 Швајцарец, 14 Французи, 11 Италијанци, четворица Срби и по еден државјанин на БиХ, Белгија, Луксембург, Португалија и Полска.
Се верува дека една од најголемите трагедии во историјата на Швајцарија била предизвикана од прскалките поставени на шишиња шампањ кога премногу биле приближени до плафонот на преполниот бар.
Јавната обвинителка на регионот Вале, Беатрис Пилу, изјави дека истрагата ќе се фокусира на материјалите што се користеле на локацијата, мерките за противпожарна безбедност во барот, неговиот капацитет и бројот на луѓе внатре во моментот на пожарот.
„Истрагата ќе утврди дали ќе бидат потребни обвиненија. Доколку е тоа случај и ако тие луѓе се живи, ќе биде отворена постапка против нив“, рече Пилу.
Еден од сопствениците на барот изјавил за локалните медиуми дека објектот бил прегледан од инспектори трипати во последните десет години и дека сè било според прописите.



