Поранешниот конгресмен Били Лонг се извини откако се пошегувал дека Исланд ќе биде 52. американска сојузна држава, а тој нејзин гувернер. Ова уследи откако Доналд Трамп неодамна го номинираше Лонг за нов амбасадор во Исланд.
Трамп за Канада велеше дека сака да ја направи 51. сојузна држава, а сега има амбиции да го преземе Гренланд, поради што шегата на Лонг не била прифатена добро во Исланд.
„Немаше ништо сериозно во тоа. Бев со некои луѓе со кои не сум се видел три години и тие се шегуваа за Џеф Ландри како гувернер на Гренланд. Почнаа да се шегуваат и со мене и ако некој се навредил од тоа, тогаш се извинувам“, рече Лонг, алудирајќи на гувернерот на Луизијана, кого Трамп го назначи за специјален пратеник за Гренланд.
Министерството за надворешни работи на Исланд побара објаснување од американската амбасада во Рејкјавик за изјавата на Лонг, при што се појави петиција со барање да не му се дозволи да биде амбасадор.
Во петицијата се вели дека „зборовите на Лонг се навредливи за Исланд и Исланѓаните, кои морале да се борат за својата слобода и отсекогаш биле пријатели на САД“.



