Со голем граѓански собир и блокада на три моста во Нови Сад, денеска се одбележуваат три месеци од уривањето на настрешницата на железничката станица, кога загинаа 15 луѓе. Оваа трагедија поттикна повеќемесечни студентски протести и блокади, кои продолжуваат и откако оставки поднесоа премиерот Милош Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.
Во 15 часот започна блокадата на трите моста во Нови Сад. Планирано е два од нив да бидат блокирани три часа, додека блокадата на Мостот на слободата ќе трае 24 часа. Весникот „Данас“ процени дека ова е можеби најголемиот протест во историјата на Нови Сад. Бројни граѓани, дојдени од целата земја, се собрани и покрај реката.
На новосадските студенти вчера им се придружија студентите од Белград, кои пешки или на велосипеди стигнаа до Нови Сад. Студентите апелираа протестот да помине мирно и без инциденти.