Катастрофалните пожари кои пустошат низ двете најнаселени сојузни држави во Австралија ги заробија жителите на еден крајбрежен град, принудувајќи ги да избегаат на плажа.
Во североисточниот град Малакута, околу 4.000 луѓе мораа да избегаат кон морето откако силните ветрови го насочија огнот кон нивните домови. Градот прво го покри чад, пред небото да стане крваво црвено.
Премиерот на државата Викторија Даниел Ендрјус изјави дека се планира евакуација на луѓето кои се на плажа, за што се ангажирани воени авиони и пловила. Четири лица се водат како исчезнати, додека татко и син загинаа во градот Корбарго во Нов Јужен Велс.
Ситуацијата со пожарите се влоши во Нов Јужен Велс и Викторија откако големата жештина беше искомбинирана со силни ветрови и грмотевици. Огнот се прошири на површина од 500 километри.
„Требаше да биде ден, но беше темно како да е полноќ и можевме да го слушаме огнот како татни. На плажата има камен ѕид изграден за да ја задржува водата, но сите бевме подготвени да скокнеме во морето“, изјави локалниот жител Дејвид Џефри.
Огнот уништи неколку згради во градот, но не сврте кон плажата, откако ветерот му го промени правецот.