Бројни српски министри и највисоките политичари од Република Српска дојдоа да му оддадат почит на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ пред неговиот денешен погреб во Белград.
Европската комисија истовремено ја предупреди Србија дека какво било величење на воени злосторници, негирање геноцид и ревизионизам се спротивни на најосновните европски вредности и за нив нема место како во Европската Унија, така и во земјите кои кандидираат за членство. Еврокомесарката за проширување Марта Кос претходно ја откажа планирана посета на Белград, закажана за 10 септември.
Младиќ почина на 27 август додека издржуваше доживотна казна затвор во Хаг за геноцидот во Сребреница, воени злосторства и злосторства против човештвото. Србија не го прогласи погребот за државен, а претседателот Александар Вучиќ кажа дека организацијата на погребот ќе зависи исклучиво од желбите на семејството на Младиќ.
Илјадници граѓани се собраа пред црквата „Свети Лука“ во Белград, каде што беше изложен ковчегот со телото на Младиќ и се одржа литургија. Меѓу оние кои дојдоа да му изразат почит беа и министрите за одбрана, култура, правда и за труд, синот на Александар Вучиќ и рускиот амбасадор во Србија, Александар Боцан-Харченко.
Членот на тимот за организација на погребот Светозар Андриќ изјави дека Младиќ ќе биде испратен со почесна стрелба и највисоки почести. Вучиќ кажа дека во тоа време ќе биде на претходно договорената средба со претседателот на Узбекистан.
Иако ЕУ и претходно ја предупреди Србија против величењето на осудениот воен злосторник, кој е одговорен за најголемиот масакр во Европа по Втората светска војна, во земјата наголемо му се оддаваше почит на Младиќ во изминатите денови, како во медиумите, така и во јавноста. Илјадници Срби учествуваа во бдеења и маршеви во негова чест.
На почетокот на крвавиот распад на Југославија, ЈНА го испрати Младиќ во Хрватска за да им помогне на побунетите Срби во Книн. По почетокот на борбите во БиХ, Младиќ премина во новоформираната војска на Република Српска и стана нејзин главен стратег. Под водство на Младиќ, војската на босанските Срби го тероризираше Сараево, а градовите како Фоча, Приједор и Вишеград беа исчистени од муслиманското население.
Во јули 1995, силите на Младиќ влегоа во Сребреница, која претходно беше прогласена за заштитена зона, по што беа убиени над 7.000 муслимански мажи и момчиња.
Откако со години беше штитен од српските власти, Младиќ беше уапсен во мај 2011 во српското село Лазарево и екстрадиран во Хаг.



