Илјадници противници на германската крајно десничарска партија АфД денеска излегоа на улиците на Ерфурт и ги блокираа патиштата кон годишната конференција на партијата пред регионалните избори на кои таа би можела за првпат да ја преземе власта на покраинско ниво. Конференцијата, каде што се денеска се реизбрани колидерите Алис Вајдел и Тино Хрупала, се одржува пред изборите во источните покраини Саксонија-Анхалт и Мекленбург-Западна Померанија, за кои АфД се надева дека ќе помогнат да се отвори патот за успех на национално ниво.
Демонстрантите од синдикатите, групите на граѓанското општество и левичарските партии се собраа додека голем број полицајци, вклучително и засилувања од цела Германија, беа распоредени пред дводневната годишна конференција на АфД (името е кратенка за Алтернатива за Германија) и имаше мали судири.
Набљудувани од полицијата во опрема за немири, демонстрантите седеа во редови за да ги блокираат автопатите и патиштата што водат до конгресниот центар каде што се одржува состанокот. Полицијата проценува дека околу 20.000 луѓе се придружиле на демонстрациите во и околу источниот град.
„Сакаме јасно да ставиме до знаење дека едноставно нема да го толерираме ова, дека фашизмот е во пораст овде во Германија“, рече Георг Бекер, портпарол на „Видерсецен“(Отпор), група против АфД.



