Три дена по почетокот на руската инвазија на Украина, колона на оклопни возила долга 15,5 километри беше забележана од сателит во северниот дел на земјата. Истото утро, 67-годишниот Володимир Шчербинин стоел пред својата продавница во Буча кога повеќе од 100 руски оклопни возила влегувале во градот. И сателитот и Володимир сведочеле на клучниот дел од планот на Владимир Путин за брза и огромна победа. Тие исто така сведочеле на неговиот неуспех.
Западните медиуми го нарекоа конвој, но во реалноста, тоа беа сообраќаен метеж и тактичка грешка. Два дена по првата сателитска снимка, линијата на возила порасна на колосални 56 километри. Возилата беа заглавени со недели, пред да се повлечат и исчезнат прекуноќ.
Како таква масивна сила не успеа да стигне до Киев?
Спротивно на медиумските извештаи од тоа време, 56-километарската колона беа десет одделни руски тактички баталјонски единици. Руската армија ја нападна Украина и од истокот и од југот, но мисијата на овие десет единици, кои доаѓаа од Белорусија, беше да го освојат Киев и да ја соборат владата.
Според еден руски документ во кој увид доби Би-Би-Си, откако првиот руски баталјон преминал во Украина во четири часот на 24 февруари, тие имале наредба да стигнат до Киев до 14:55 часот. Неколку баталјони напредуваа кон Хостомел северно од Киев за да го обезбедат тамошниот воен аеродром, а останатите оделе директно кон центарот на Киев.
Нападот се потпирал на два елемента – брзина и тајност, при што руските војници требало да бидат 12-кратно побројни од украинските. Сепак, тајноста дошла со цена, па најголем дел од заповедниците ги дознале плановите дури 24 часа пред почетокот на инвазијата, што руските сили ги оставило ранливи. Им недостигале храна, гориво, мапи и муниција и не биле подготвени за војување во зима.
Русите влетале во кал и бидејќи така не можеле да напредуваат, се префрлиле на асфалтирани патишта, создавајќи една колона од илјадници оклопни возила. Без соодветна комуникација помеѓу баталјоните, заглавиле во сообраќаен метеж. Во моментот кога колоната се зголемила на 56 километри, во неа имало 1.000 тенкови, 2.400 пешадиски возила и 10.000 војници, како и десетици придружни камиони.
Спротивно на Украинците, кои извеле стотици напади на конвојот, руските сили постојано ја покажувале својата неспособност да носат динамични одлуки на терен, а користеле и застарени навигациски алатки, вклучувајќи мапи стари неколку децении.
Постојано изложен на украински воздушни и артилериски напади, рускиот конвој дефинитивно беше запрен непосредно пред градските граници на Киев. По четири долги недели почна да се повлекува. Два од најголемите баталјони беа поразени кај аеродромот во Хостомел, а уште 370 воени камиони биле уништени од артилеријата кај селото Здвиживка.
Украинската војска продолжи со нападите до 19 март, кога руските сили целосно се повлекоа од киевската област.
Наспроти шпекулациите за нови копнени напади на Киев, многумина експерти не веруваат во тоа, зашто засега нема големо распоредување на руските сили на белоруската граница.