Милијардерот Илон Маск и британскиот принц Ендрју се именувани во новите документи поврзани со покојниот осуден сексуален престапник и финансиер Џефри Епстин, кои ги објавија демократите во американскиот Конгрес. Досиејата, кои Комитетот за надзор на Претставничкиот дом ги добил од имотот на Епстин, вклучуваат телефонски пораки, копии од дневници на летови, финансиски извештаи и дневниот распоред на Епстин.
Според документите, Илон Маск бил поканет на приватниот остров на Епстин во декември 2014 година. Во еден запис од 6 декември 2014 стои „Потсетник: Илон Маск на островот на 6 декември (дали ова сè уште важи?)“.
Маск претходно изјави дека Епстин го поканил, но тој ја одбил поканата.
Во еден манифест за лет од Њу Џерси до Флорида на 12 мај 2000, меѓу патниците се наведени принцот Ендрју, Епстин и неговата соработничка Гилејн Максвел, која во 2021 беше осудена за помагање во трговија со девојки за сексуална експлоатација. Дополнително, во еден финансиски извештај се евидентирани две исплати за масажи за извесен „Ендрју“ во февруари и мај 2000 година. Не е јасно дали станува збор за принцот, иако записите од Бакингемската палата покажуваат дека тој патувал во САД во тој период. Принцот Ендрју претходно ги негираше сите обвинувања за каква било поврзаност со криминалните активности на Епстин.
Во документите се споменуваат и други истакнати личности, како интернет-претприемачот Питер Тил, поранешниот советник на Доналд Трамп, Стив Бенон, и основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, со кои Епстин имал закажано средби. Во објавата не се сугерира дека споменатите лица биле свесни за кривичните дела за кои подоцна беше уапсен Епстин.
Епстин изврши самоубиство во затворска ќелија во Њујорк во август 2019 година, додека чекаше судење за обвиненија за трговија со луѓе за сексуални цели.
Демократите во Комитетот повикаа да се објават повеќе документи поврзани со Епстин за да се донесе правда за жртвите, додека републиканците ги обвинија демократите дека „ја ставаат политиката пред жртвите“ и најавија дека наскоро ќе го објават целиот сет на документи.