Илон Маск избриша неколку свои објави на неговата социјална мрежа Икс, со кои оваа недела ја ескалираше својата жестока расправија со претседателот и довчерашен сојузник Доналд Трамп.
Една од објавите, која од саботата наутро повеќе не е достапна, го обвинуваше Трамп дека е споменат во „досиејата“ на починатиот сексуален престапник Џефри Епстин. Обвинувањето на Маск, кое Белата куќа го оспори, означи ескалација во јавната кавга меѓу двајцата. На страницата каде што порано се наоѓаше објавата на Маск, сега пишува: „Хмм… оваа страница не постои. Обидете се да пребарате нешто друго“.
Во четвртокот, Маск исто така одговори со „да“ на објава од друг корисник во која се повикуваше Трамп да биде отповикан и заменет со потпретседателот Џеј Ди Венс. И таа објава од саботата наутро повеќе не беше достапна.
Во интервју во петокот со комичарот Тео Вон, потпретседателот Венс изјави дека Маск прави „огромна грешка“ со нападите врз Трамп, истовремено обидувајќи се да ги минимизира нападите на милијардерот, нарекувајќи го „емотивен човек“ кој се фрустрирал.
Засега не е јасно зошто Маск ги избришал објавите.