ИЛОН МАСК ТОЛКУ МНОГУ СЕ ДРОГИРАЛ КАКО СОВЕТНИК НА ТРАМП ШТО ДОБИЛ ПРОБЛЕМИ СО МОЧНИОТ МЕУР, ОБЈАВИ „ЊУЈОРК ТАЈМС“

    ИЛОН МАСК ТОЛКУ МНОГУ СЕ ДРОГИРАЛ КАКО СОВЕТНИК НА ТРАМП ШТО ДОБИЛ ПРОБЛЕМИ СО МОЧНИОТ МЕУР, ОБЈАВИ „ЊУЈОРК ТАЈМС“Најбогатиот човек на светот редовно земал кетамин, екстази и психоделични печурки за време на неговиот пробив во политиката; - Од прошталната средба со Трамп на 30 мај во Белата куќа. (Фото: АП)

    Илон Маск имал голема потрошувачка на дрога додека служел како еден од најблиските советници на Доналд Трамп, земајќи кетамин толку често што добил проблеми со мочниот меур и патувал со дневна залиха од приближно 20 таблети, според тврдењата на „Њујорк тајмс“. Најбогатиот човек на светот редовно земал кетамин, екстази и психоделични печурки за време на неговиот пробив во политиката, изјавија за „Њујорк тајмс“ анонимни извори запознаени со неговите активности.

    Неговата употреба на дрога, наводно, се интензивирала откако донираше 275 милиони долари за претседателската кампања на Трамп, а подоцна доби значајна моќ преку неговата улога на чело на новосоздадениот Оддел за владина ефикасност или ДОГЕ при што отпушти десетици илјади државни службеници. Маск на 28 мај најави дека заминува од владината служба, неколку месеци откако покажа непредвидливо однесување, вклучително и навреда на членовите на кабинетот и нацистичко поздравување на политички митинг. На 30 мај имаше проштална средба со Трамп во Овалната соба на Белата куќа.

    Вчера во објавата на Х, Маск рече: „Да бидам јасен, НЕ се дрогирам! ‘Њујорк тајмс’ лаже“. Тој додаде: „Пред неколку години пробав кетамин на рецепт и го кажав тоа на X, така што ова не е ни новост. Помага за излегување од темни ментални дупки, но не сум го земал оттогаш“.

    Маск најпрво на 30 мај го избегна прашањето за неговата употреба на дрога на бизарното проштално појавување со Трамп во Овалната соба, во кое шефот на „Тесла“ и „СпејсИкс“ се појави со забележлива модринка на околу окото за која рече дека ја добил оти син му Икс го удрил в лице.

    Според изворите на „Њујорк тајмс“, како шеф на ДОГЕ, Маск развил сериозна навика за земање кетамин, консумирајќи го моќниот анестетик понекогаш секојдневно, наместо „мала количина“ земена „отприлика еднаш на секои две недели“, како што тврдеше во интервјуата. „Ако сте користеле премногу кетамин, навистина не можете да ја завршите работата, а јас имам многу работа“, му рече Маск на новинарот Дон Лемон во март 2024, минимизирајќи ја количината што ја зема. Сепак, до пролетта минатата година, Маск им кажувал на соработниците дека неговата употреба на кетамин влијае на неговиот мочен меур – позната последица на хронична злоупотреба на лекот, кој има психоделични својства и може да предизвика дисоцијација од реалноста. Останува нејасно дали Маск бил под влијание за време на неговиот престој во Белата куќа, каде што присуствуваше на чувствителни состаноци со странски лидери и имаше овластување за намалувањето на федералните трошоци.

    На прашањето дали Маск направил тестови за дрога, портпаролот на Белата куќа, Харисон Филдс, го заобиколи одговорот, велејќи дека Маск „постигнал повеќе за американските даночни обврзници отколку многу политичари од кариера“.

    „СпејсИкс“ има строги политики со кои на вработените им се забранува користење дрога. Сепак, упатените изјавија за „Њујорк тајмс“ дека Маск однапред добивал предупредувања за случајни тестови за дрога – што ја поткопува ефикасноста на строгите политики.

    Популарниот подкастер и јавен интелектуалец Сем Харис, кој јавно го прекина пријателството со Маск, во јануари напиша: „Нешто сериозно не е во ред со неговиот морален компас, ако не и со неговата перцепција за реалноста“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира