Белгискиот премиер Берт де Вевер изјави дека Русија не може да ја изгуби војната во Украина, спротивставувајќи се на планот на Европската Унија за користење на замрзнатите руски милијарди како заем за Киев. Тој кажа дека Русија се заканила со „вечна одмазда“ ако Белгија дозволи да се користат овие средства.
„Очекувањата дека Русија ќе ја изгуби војната се бајка и илузија. Од таа причина, ние ќе мора да ѝ ги вратиме замрзнатите средства кога војната ќе заврши“, изјави Де Вевер.
Белгија е најголемиот противник на планот на ЕУ зашто поголемиот дел од замрзнатите 140 милијарди евра руски средства во Европа се наоѓаат на сметките на белгискиот депозитар за хартии од вредност „Евроклир“, па белгиската влада постојано изразува загриженост за правни ризици. Таа смета дека тужба против „Евроклир“ би можела да создаде голема финансиска криза.
„Белгија е под огромен притисок поради дебатата дали руските средства треба да бидат запленети и префрлени во Украина. Таквите предлози се рамни на кражба. Крадењето на замрзнатите средства на друга земја никогаш порано не било направено. Ова се пари што ѝ припаѓаат на Централната банка на Русија. Дури и за време на Втората светска војна, германските средства не биле конфискувани, туку само замрзнати“, кажа Де Вевер.
Според планот на Европската комисија, Украина ќе треба да го врати заемот само ако Русија плати репарации за штетата предизвикана од инвазијата.
„Кој навистина верува дека Русија губи во Украина? Русија не губи. Дури е непожелно да изгуби, за да не се појави нестабилност во нуклеарната рамнотежа“, додаде тој.



