Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс изјави дека САД ќе се повлечат ако Русија и Украина не постигнат договор, повторувајќи ги заканите претходно изнесени од Доналд Трамп и Марко Рубио. Неговите предупредувања уследија откако денешните разговори за Украина во Лондон добија намалена тежина по повлекувањето на Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф, по што беше откажан и планираниот состанок на министрите за надворешни работи на Велика Британија, Франција, Германија, Украина и САД.
САД се повеќе фокусирани на разговорите со Русија, каде што Виткоф оваа недела повторно ќе се сретне со Владимир Путин. Во исто време, Володимир Зеленски се залага за моментално, целосно и безусловно примирје.
„Ние сме вклучени во извонредна количина на дипломатија и работа на терен. САД испратија многу експлицитен предлог и до Русија и до Украина. Време е тие да кажат ‘да‘ или САД ќе се повлечат од целиот процес. Тоа е многу фер предлог“, кажа Венс при посетата на Индија.
Овие денови се појавија шпекулации дека Русија е спремна да ја прекине инвазијата на сегашните линии на фронтот и да се откаже од своите максимални територијални амбиции во замена за значајни отстапки. Кремљ кажа дека овие наводи, што прв ги објави „Фајненшл тајмс“, не се точни.
„Сега е време да се направи еден од последните чекори на пошироко ниво, кога двете страни ќе кажат дека запираат со убивањето и ќе ги замрзнат територијалните линии на некое ниво што е блиску до она каде што се денес. Тоа значи дека и Русија и Украина ќе мора да отстапат дел од територијата што сега ја држат“, рече Венс, без да изнесе детали.
Зеленски денеска уште еднаш ја отфрли можноста за признавање на окупираниот Крим како руска територија, што наводно го разгледуваат Вашингтон и Кремљ. Доналд Трамп кажа дека ваквите изјави на Зеленски се многу штетни за мировниот процес.
„Крим е изгубен пред многу години и воопшто не е предмет на разговорите. Многу блиску сме до договор и човекот кој нема никакви адути конечно би требало да го прифати тоа“, кажа Трамп.