Доналд Трамп кажа дека трговски договор со Кина е завршена работа, откако двете делегации преговараа два дена во Лондон. Трамп кажа дека договорот треба да биде одобрен од него и од кинескиот претседател Шји Џинпинг и според него, САД ќе добијат ретки метали од Кина, а кинески студенти ќе можат да студираат на американските универзитети.
Минатиот месец, САД и Кина договорија привремено примирје во војната со царини, иако во меѓувреме меѓусебно се обвинуваа за кршење на договорот.
„Нашиот договор со Кина е готов, уште треба да биде одобрен од мене и од претседателот Шји. Во рамките на него, Кина ќе ги обезбеди сите потребни ретки метали и магнети“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.
Американскиот министер за трговија Хауард Лутник кажа дека договорот ќе стапи во сила откако ќе го ратифицираат двајцата претседатели. Новата рунда преговори уследи откако Трамп и Шји телефонски разговараа минатата недела.
Кина беше најтешко погодена од новите царини што ги воведе Трамп за речиси целиот свет и во еден момент достигнаа до 145%. Во меѓувреме тие беа намалени на 30%, додека Кина ги намали царините за увозот од САД на 10%.