Индонезискиот авион што во саботата се урна во морето набргу по полетувањето од Џакарта поминал инспекциски преглед минатиот месец, објавија официјални лица. Првичните откритија кажуваат дека авионот „боинг 737-500“, во кој имало 62 луѓе, функционирал нормално пред да се урне и не експлодирал во воздухот.
Авионот бил приземјен од март до декември поради пандемијата на коронавирусот, а со комерцијални летови продолжил на 22 декември, осум дека откако поминал на преглед. Останува непознато што ја предизвикало несреќата.
Истражувачките тимови ја лоцирале позицијата на црните кутии од авионот и ја пребаруваат водата за да ги најдат.
„Пронајдениот пропелер навестува дека машината сѐ уште функционирала кога авионот се урнал. Тоа ни кажува и дека системите на авионот функционирале кога дошле до височината од 75 метри“, изјави шефот на Националниот комитет за безбедност во сообраќајот Серџанто Тахџоно.
Авионот на локалниот авиопревозник „Сривиџаја ер“, во кој имало 50 патници и 12 членови на екипажот, исчезнал од радарот само четири минути по полетувањето од Џакарта. Тој за само една минута изгубил висина од 3.000 метри и сведоците кажаа дека слушнале и виделе најмалку една експлозија. Досега е идентификувано само едно пронајдено тело.