Романските власти и официјално го обвинија контроверзниот инфлуенсер Ендрју Тејт за силување, трговија со луѓе и формирање на организирана криминална група за сексуално искористување жени. Обвинети се и неговиот брат Тристан и двајца соработници.
Браќата Тејт беа уапсени во нивниот дом во Букурешт во декември 2022. На 31 март беа префрлени од затвор во домашен притвор.
Според обвинението поднесено во судот во Букурешт, четворицата обвинети формирале организирана криминална група во 2021 заради трговија со луѓе во Романија, САД, Велика Британија и други земји. Наведени се имињата на седум наводни жртви, кои велат дека биле регрутирани од браќата Тејт со лажни ветувања за љубов и брак.
Ендрју Тејт е обвинет дека силувал една од жртвите, а Тристан е обвинет за поттикнување други на насилство.
Не се знае кога ќе почне судењето и се очекува да трае неколку години.
Ендрју и Тристан Тејт се поранешни кикбоксери со американско и британско државјанство кои имаат милиони следбеници на социјалните мрежи. Тие живееле во Романија од 2017.