Иран во голема мера се исклучи од надворешниот свет за да ги спречи сѐ поголемите антивладини протести откако властите го блокираа интернетот, телефонските повици надвор од земјата се недостапни, а летовите се откажани.
Врховниот водач ајатолахот Али Хаменеи ги обвини демонстрантите дека делуваат во име на Доналд Трамп и дека напаѓаат јавни објекти, предупредувајќи дека Техеран нема да толерира луѓе кои дејствуваат како „странски платеници“. Протестите кои почнаа минатиот месец поради растечката инфлација се проширија во најголемите во последните три години, при што нереди има во сите покраини, а групите за човекови права регистрираа над 30 мртви и над 2.270 уапсени.
Расцепканите опозициски фракции повикаа на уште протести, а Реза Пахлави, пребегнатиот син на покојниот ирански шах, им порача на демонстрантите дека „очите на светот се вперени во нив“ и да ги заземат улиците. Трамп, кој неодамна предупреди дека ќе им помогне на демонстрантите, изјави дека нема да се сретне Пахлави зашто „не би било соодветно да го поддржи“.
Снимките објавени од државната телевизија покажуваат запалени куќи и автомобили и пожари во банки и метро станици. На други снимки се гледаат големи маси луѓе како маршираат низ Техеран и други градови. Демонстрантите можат да се слушнаат како бараат соборување на Али Хаменеи и враќање на Пахлави.
Протестите траат веќе 12 дена откако почнаа поради крахот на иранската валута, проширувајќи се во повеќе од 100 градови во сите 31 провинција.
Иранскиот огранок на Би-Би-Си досега ја потврдил смртта на 22 луѓе, додека активистички групи известуваат за поголеми бројки. Иран претходно задушуваше многу поголеми немири, но сега се соочува со потешка економска ситуација и засилен меѓународен притисок со повторно воведените санкции поради неговата нуклеарна програма.



