Иран и Русија ќе одржат заеднички поморски вежби оваа недела, објави руското министерство за одбрана, додека се засилуваат тензиите на Блиски Исток поради можен американски напад. Руската војска објави видео од пристигнувањето на воениот брод „Стојки“ во пристанишниот град Бандар Абас, каде што се наоѓа седиштето на иранската морнарица.
„Руските и иранските морнари работат заедно за да ја осигураат безбедноста на цивилната пловидба“, соопшти министерството.
Иранските државни медиуми, повикувајќи се на портпаролот на морнарицата, објавија дека заедничките вежби ќе започнат денеска и ќе се одржат во Оманскиот Залив и Индискиот Океан.
„Целта на вежбите е да се зајакне поморската безбедност и да се продлабочат односите помеѓу морнариците на двете земји“, рече портпаролот, без да прецизира кога ќе завршат вежбите.
Помошникот на Владимир Путин, Николај Патрушев, изјави оваа недела дека руската, иранската и кинеската морнарица испратиле воени бродови во Ормускиот Проток за заеднички вежби, наречени „Поморски безбедносен појас 2026“.
Иран и САД ја одржаа втората рунда индиректни разговори пред два дена во Женева, додека американската војска продолжува да го засилува своето присуство на Блиски Исток. Американските медиуми објавија дека Доналд Трамп разговарал за воените опции со своите советници и дека американски напад би можел да се случи најрано овој викенд. Според Ен-Би-Си, Трамп засега не донесол конечна одлука дали да нападне.



