Рускиот и иранскиот претседател Владимир Путин и Масуд Пезешкијан разговараа во Москва во пресрет на потпишувањето на договор за стратешко партнерство, кој вклучува потесна воена соработка, што би можело да го загрижи западот. Пезешкијан кажа дека можеби ќе го финализираат и договорот за изградба на нуклеарна централа во Иран со руска помош.
„Ќе разговараме за сите области од нашата меѓусебна соработка и ќе потпишеме договор за сеопфатно стратешко партнерство. На ова работевме долго време и среќен сум што работата е завршена. Ова ќе ги засили и нашите економски и трговски врски“, изјави Путин.
Москва има потпишано вакви договори и со Северна Кореја и Белорусија, како и договор за стратешко партнерство со Кина.
Дваесетгодишниот договор Русија-Иран веројатно нема да вклучи клаузула за заемна одбрана, каква што има во договорите со Северна Кореја и Белорусија, но сепак го загрижи западот. И Русија и Иран велат дека нивните засилени врски не се насочени против други држави.
Иран ја снабдува Русија со дронови од почетокот на војната во Украина, а САД го обвинија Техеран и дека испорачал балистички проектили со краток дострел. Кремљ одби да потврди дали добил ирански проектили, но призна дека соработката со Иран ги вклучува и „најчувствителните области“.