Иранските напади елиминирале 17% од катарскиот извозен капацитет на течен природен гас, што ќе предизвика годишна загуба од 20 милијарди долари и ќе ги загрози испораките во Европа и Азија, објавија „КатарЕнерџи“ и катарскиот министер за енергетика Саад ал-Кааби. Тој додаде дека во нападите се оштетени два од катарските 14 воза за течен природен гас и една од двете постројки за преработка на гас. Поправките ќе отстранат 12,8 милиони тони течен природен гас годишно во период од три до пет години, рече тој.
„Никогаш ни во моите најлуди соништа не би помислил дека Катар и регионот ќе бидат изложени на таков напад, особено од братска муслиманска земја во месец Рамазан“, рече Кааби.
Поради оштетените возови, Катар прогласи долготрајна состојба на виша сила за испораките на течен природен гас во Белгија, Италија, Јужна Кореја и Кина.
„КатарЕнерџи“ прогласи состојба на виша сила за целото производство на течен природен гас по првите напади врз енергетската област Рас Лафан. Таа синоќа беше ракетирана уште двапати откако Иран се одмазди за израелскиот напад врз најголемото гасно поле во светот Јужен Парс.
„За да продолжи производството, прво мора да прекинат непријателствата. Размерот на штетата од нападите го уназади регионот за 10 до 20 години. Поправките на штетите ќе чинат околу 26 милијарди долари“, кажа Кааби.



