Историски момент се случи уште пред официјалниот почеток на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг.
Додека јужнокорејскиот претседател Мун Џае-Ин и неговата сопруга ги пречекуваа и поздравуваа гостите кои пристигнуваа во ВИП-ложата пред почетокот на церемонијата на отворањето, тој ѝ подаде рака и на Ким Јо-Јонг, помладата сестра на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун. Таа пристигна во земјата ден порано, што досега не го направил ниту еден близок член на владејачкото семејство од Пјонгјанг.
Ким ја претставуваше Северна Кореја на отворањето, заедно со 90-годишниот церемонијален шеф на државата Ким Јонг-Нам.
Откако се поздравија, Мун и Ким кратко и поразговараа, но не е познато што си кажаа, иако беа видно добро расположени. Двајцата станаа и аплаудираа кога спортистите од двете Кореи заедно излегоа на стадионот.