Претседателската трка во САД влегува во фотофиниш, при што последните анкети покажуваат дека е претешко да се каже дали ќе победи Доналд Трамп или Камала Харис. И додека според „Њујорк тајмс“ Харис покажува нова сила во Северна Каролина и Џорџија, Трамп го брише нејзиното водство во Пенсилванија и ја зголемува својата предност во Аризона.
Поминаа децении откако анкетите последен пат покажувале ваква неизвесна трка во толку многу сојузни држави.
Изразот колебливи (swing) држави премногу често се користеше во текот на кампањата. Во САД има 50 сојузни држави, но бидејќи во најголем дел од нив речиси секогаш победува иста партија, остануваат малку држави во кои што двајцата кандидати имаат шанси да победат и таму вистински се решаваат изборите.
Моментално, водствата во колебливите држави се толку мали што е невозможно да се каже кој е навистина во предност.
Најголема од нив е Пенсилванија, која носи 19 електорски гласови и таму, според последните анкети, е целосно израмнето, исто како во Невада (шест електорски гласови), Мичиген (15) и Висконсин (10), додека на Трамп му се дава мала предност во Северна Каролина (16) и Џорџија (16) и нешто поизразена во Аризона (11).
„Сепак, резултатите во сите седум држави се во рамките на границите на грешка при земање примероци, што значи дека ниту еден кандидат нема дефинитивно водство во ниедна од нив“, пишува „Њујорк тајмс“.
Во пресрет на утрешниот изборен ден, повеќе од 70 милиони Американци веќе го оствариле своето право на глас.