Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави денеска дека Израел е терористичка држава која врши воени злосторства и го крши меѓународното право во Газа, повторувајќи го неговиот став дека милитантната група Хамас не е терористичка организација.
„Хамас е политичка партија која беше избрана од Палестинците“, кажа Ердоган во турскиот парламент.
Тој истовремено го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да објави дали Израел располага со нуклеарно оружје, порачувајќи му дека е политички готов. Израел никогаш не обелодени јавно дали поседува нуклеарно оружје.
„Во секој случај, вашиот крај е близу, без разлика дали имате нуклеарно оружје или не“, кажа Ердоган, за што доби голем аплауз од пратениците.
Ердоган изјави дека Турција ќе се ангажира на меѓународен план за да се обезбеди израелските доселеници да бидат прогласени за терористи.
Турција ги повлече своите дипломати од Израел откако тој го почна својот жесток одговор на нападот на Хамас од 7 октомври.