Иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хаменеи изјави дека Израел може да очекува сериозна казна за денешните воздушни напади врз Иран, во кои биле погодени нуклеарни постројки, фабрики за оружје и командни центри на војската.
„Израел изврши злосторство во нашата драга земја денеска. Неговите воени сили нема да поминат неказнето. Со ова злосторство, ционистичкиот режим нека се подготви за горчлива, болна судбина, што дефинитивно му следува“, кажа Хаменеи.
Во знак на одмазда, Иран лансирал стотина дронови кон Израел, кои сите биле пресретнати, објавија Израелските одбранбени сили (ИДФ). Израел прогласи вонредна состојба во очекување на ирански воздушни удари.
Од израелската војска кажаа дека се погодени десетици нуклеарни и воени мети, вклучувајќи ја главната иранска постројка за збогатување ураниум во Натанз. Најновите информации велат дека меѓу загинатите се шестмина ирански нуклеарни научници.
„Израел ќе ги елиминира своите непријатели. Прецизното таргетирање на високи команданти на Револуционерната гарда и иранската војска и на нуклеарните научници, сите кои беа вклучени во унапредувањето на планот за уништување на Израел, испраќа силна и јасна порака: оние кои работат на уништувањето на Израел ќе бидат елиминирани. Иран ќе плаќа сѐ поголема цена колку подолго ги продолжува своите агресивни дејствија против Израел“, изјави израелскиот министер за одбрана Израел Кац.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху претходно кажа дека ја започнал операцијата „Исправен лав“, чија цел е отстранување на иранската закана по опстанокот на Израел.
На воздушните напади им претходеле тајни активности на командоси на Мосад длабоко на територијата на Иран, изјави извор од израелските безбедносни служби. Тие вклучувале распоредување на прецизно водено оружје на отворени површини во близина на иранските ракетни системи земја-воздух и воспоставување база за беспилотни летала близу Техеран.